Кетлбел или руско ѕвоно (како што некои го нарекуваат) се повеќе се користи во подготовката на спортистите, но и како самостоен реквизит за рекреативците кои сакаат да ја подобрат својата сила, изглед или функционални способности. Тие се одличен фитнес реквизит со кој ја подобруваме експлозивната сила, координацијата, флексибилноста, рамнотежата и издржливоста. Заради нивниот специфичен изглед, вежбањето со нив бара вклучување на многу стабилизатори, а притоа доаѓа до подобрување на координацијата на движењата при самото изведување. Со правилно вежбање со нив ги активираме буквално сите или поголемиот дел од мускулите, а бидејќи со нив се прави аеробен и анаеробен тренинг, тие се одлични за топење на масните наслаги во телото. Најчесто се користат за замавнување (swings), но може да се изведат и многу други вежби, како што се мртви кревања, исчекор, чучњеви...